ТУНЕЛ е аудио-визуелна инсталација која ја претставува женската природа, плодноста, утробата и симболичното раѓање. Набљудувачот е „втурнат“ во визуелните сензации создадени од црно-белите конструкции и рачно изработените обоени јажиња. На почетокот, тој и без сопствен избор е вовлечен во тунелот и нема друг начин освен да оди низ него. Понатаму, тој влегува во темен тунел кој се трансформира извиткувајќи се и стеснувајќи се до таа мера што на крајот само еден човек може да излезе низ портата. И тогаш, набљудувачот сфаќа дека околината во која се наоѓа претставува женска утроба и дека единствениот излез е црвената порта, женскиот полов орган. Впечатокот е засилен со звуците на срцебиење на младенче во мајчината утроба. Специфичните карактеристики на материјалот јаже може да се доведат во корелација со женскиот сензибилитет и традиционалното ткаење.
Непосредниот контакт со делото буди импулс на размислување, за различни доживувања и интерпретации. Се отвора прашањето за непознатото: Од каде доаѓаме и каде одиме. Одамна изгубеното латентно сеќавање на светиот чин на раѓање и неизбежната човекова судбина, „светлото позади тунелот“. Тунелот може да се доживее и како исцелителен процес, спиритуална обнова и осветлување на веќе постоечките вистини. Сепак, сè останува на набљудувачот и неговото чувство.