СЛАВЕЈЌИ ЈА БЕСКОНЕЧНОСТА e дело кое ја содржи можноста за бескрајна екстензија и мултиплицирање на деловите во околниот простор. Тоа е варијација на геометриската шема со изглед на цвет и симетрична структура на шестоаголник наречена „Цвеќе на животот“, пронајдена на разни места низ целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија. Ова дело претставува производ на моето постојано истражување во областа на света геометрија во уметноста, овојпат презентирано во поинаква форма и медиум. Светата геометрија е основата на секоја геометрија што ја овозможува градбата на секоја форма во мноштвото разновидност, тоа е принципот на внатрешната поврзаност и единството на сите нешта. Таа се изразува преку математичките односи, хармонијата, боженствените пропорции, златниот пресек кои се пренесуваат од природата во уметноста, музиката и космологијата.
Шестоаголната форма на деловите на оваа инсталација, создава голема кружна геометриска композиција која се протега од ѕидот и продолжува кон подот, со тенденција на бесконечно растење и соедининување со просторот, создавајќи преку боите илузија на перспектива и длабочина. Ова дело претставува симбол на живототворната енергија на Сонцето и неговиот одраз во мугрите, симбол за ново раѓање, растеж и почеток на нов циклус во животот.