ВРЕМЕЛОВ претставува колоритна просторна инсталација со спирална форма која претставува симбол на животната сила, на времето и неговите циклични ритмови, на човековата животна патека, на раѓањето и смртта. Спиралата започнува со симболично претставена кружна порта (портата како влез во нов живот, од која сè друго произлегува, од која сè се раѓа, заштитничкиот аспект на Големата Мајка) со полукружен отвор под кој стои минијатурна фигура на човек. Застанат под таа порта, тој е толку ништожно мал но гордо исправен пред неговата животна патека — непредвидливата река создадена од меката структура на формите од сунѓер. Реката е силен симбол на времето што протекува и животот, на очистување и движење.
„Времелов“ е измислен збор — кованица со која се става акцент на времето како променлива категорија кое треба да се „улови“, односно да се зграпчи вистинскиот момент во вистинското време затоа што тој е неповратлив. Да се дејствува затоа што дејствувањето ја менува суштината на светот наспроти пасивното пловење по реката. „Да се улови времето без да се дозволи да бидеме уловени од него“.