СЛАВЕЈЌИ ЈА БЕСКОНЕЧНОСТА претставува амбиентална мултимедијална инсталација со поставеност на подот која продолжува на ѕидовите на галеријата и две видео-арт проекции.
Двете видео проекции се прикажуваат истовремено на двата спротивни ѕида каде симболично се претставува раѓање и смрт на човековата животна патека, односно на цел универзум. Сонцето, централен и најзначен мотив во изложбата, во едното видео изгрева а во другото заоѓа поминувајќи преку транспарентна сфера во центарот на видеото (најсовршена, најуниверзална од формите, значајна за разбирање на чинот на креација од која настанало сè). Во неа е вградено геометриско тело како симбол за целосност, интегритет и неограничен центар на космосот. Крилата го нагласуваат стремежот за возвишување кон духовното.
„Славејќи ја бесконечноста“ претставува симбол на живототворната енергија на Сонцето, минливоста на времето, животниот циклус кој бесконечно се повторува, циклусот на природата: раѓање, живот, смрт и одново раѓање, растеж и почеток на нов циклус во животот. Со својата комплексна содржина покрај визуелната функција, овој проект кај публиката побудува емоции и прашања поврзани со човековите размисли за постоењето, вечноста, патот и времето.