КАКО СНЕЖНА ТОПКА НАДОЛУ ПО ПЛАНИНАТА, интерактивна изложба – перформанс на групата МОМИ, галерија ФЛУ, Скопје, Македонија (2015)
Делото претставува инсталација составена од цртеж во вид на мрежа кој го опфаќа целиот простор и претставува подлога за надоградување со активатори на дигитални содржини, кои можат да се следат преку специфична апликација на таблет или мобилен телефон.
Ана Франговска во каталогот за изложбата на МОМИ ќе напише:
МОМИ овој концепт на поврзаност, вмрежување, меѓузависност го визуелизираат и опросторуваат, прикажувајќи го пластично преку мрежни дијаграми и (кубични) графикони поставени на ѕидовите, но и материјализирајќи ги просторно на одредени места, како 3Д нитки од мрежата, а поврзувачките точки се состојат од индивидуални и лични информации дадени преку креативно обмислени (од страна на членките на Моми или публиката која е поканета да партиципира) тригери, т.е. симболи или кодови, кои со помош на апликација за читање ја обзнаваат аурата и детерминираат одбраната содржина зад секој зададен визуелен „код“ од големата дата база на податоци.
Секој тригер е линеарно поврзан со друг пополнет или непополнет „модул“ од системот, а посетителот е поканет да земе учество во интерактивен перформанс, станувајќи партиципатор во вообличувањето на делото и надополнувањето на „снежната планина“ со нови информации, податоци и иницирана креативност. Со однапред понудени правила за обликување на тригер, тој, реципиентот на делото, креира сопствен идентификувачки симбол, кој онлајн се полни (upload) во мрежата со „скриена“ антиципаторска и креативна содржина која накнадно се исчитува (како фотографија, видео, анимација, дигитален цртеж или др.).
Ана Ивановска во својот тригер и во својата аура која едноставно произлегува од нејзини препознатливи ликовно-визуелни решенија на графичко-колористички сонди (и поставување на изложба во Франција) го апострофира името на градот Париз кој покрај исклучителното значењето кое го има за уметноста генерално, во последниот период е особено актуелен град во политичка конотација…