НЕсТ, изложба на уметничка група МОМИ, Графичко студио – Музеј на Град Скопје, Македонија (2018)
Во проектот насловен „НЕсТ“ или гнездо, МОМИ го градат делото низ комплексен процес кој започнува со себе-задавање на задача, секоја од нив да води свој месечев дневник, а месечев период е оној колку што трае месечевиот циклус на жената или периодот на промената на месечевите мени или 28 дена. Во својот дневник секоја од МОМИ-те го „документира“ својот секојдневен тек на активности од најбанални работи сѐ до најсуштински, од најинтимни до најпрофесионални.
Во наредната фаза, по испишаната месечева книга, авторките си ги разменуваат дневниците, на тој начин отворајќи сѐ една кон друга уште подлабоко (иако самите веќе добро се познаваат и другаруваат долг временски период) на тој начин поставувајќи ја својата приватност на една повисока димензија и во функција на уметноста. Целта е секоја авторка да ја спознае другата (третата, четвртата, петтата, шестата, седмата) уште посуштински, подлабоко и како реакција на доживеаното и вооченото, да создаде по едно дело за секоја членка на групата, вклучително и за себе.
Финалната фаза од процесот е крајното дело на секоја МОМА кое се презентира пред јавноста - уметничка книга која е направена според одредени димензии која секоја авторка ги следи најдоследно што може и однапред дискутиран стандард за нејзино изложување а содржината и медиумот на изразување се исклучително индивидуални и потентни.
Ана Ивановска го одбира заедничкиот симбол на кругот кој се провлекува низ сите страници на книгата, како симбол на месечина, но поделен на половина, формирајќи два облика како јинг и јанг формите, кои на крајот се преобликуваат во фетус – бебе, во утроба, на тој начин нагласувајќи ја поврзаноста на месечевите мени и на женскиот месечев циклус. Особен акцент е ставен врз заемната зависност на кругот и квадратот кои се мултиплицирани, како вечна испреплетеност, меѓузависност и онтологија.
Извадок од текстот за каталогот на кураторот Ана Франговска