НАДЕЖ ШТО ТОНЕ, „Фемиграции“, проект на УСАИД за заштита на правата на бегалците спроведуван од Македонското здружение на млади Правници (МЗМП), изложба реализирана во галерија Акантус и Градски парк, Скопје; НУ Музеј-Куманово; Уметничка галерија, Велес; Безистен, Штип, Македонија (2018)
Дело кое во својот фокус ја става безизлезната ситуација (претставена како крстопат а во него вртлог, бездна) и проблемите со кои се соочуваат бегалците и мигрантите – затворените граници (бодликавите жици). Огромно е влијанието на поставувањето рестрикции со затворањето на границите – лицата кои транзитираат ризикуваат да бидат приведени или потиснати назад преку границата, при што се приморани да спијат на отворено или со ограничен пристап на помош со ризик да станат жртви на злоупотреба на криумчарите или криминалните групи.
Сликата за состојбите што го креираат секојдневното (не)функционирање на општеството е создадена преку бодликавите жици со централно место во делото, внимателно извезени со конец кои се дел од една поголема мапа, кројката на светот (светската политика). Техничката изведба е резултат на процес во кој се вткаени мануелната изведба, емоции и енергија на женскиот сензибилитет. Бројките и непознатите (x) што се појавуваат како дел од кројот (шемата) ја дооформуваат целата слика за многубројноста и состојбата на бегалците кои всушност не припаѓаат на ниедна држава, нивното постоење е сведено на „невидливи луѓе“.