ТУНЕЛ — АРХЕТИПСКИ СЛИКИ е аудио визуелна инсталација која ги соединува микрокосмосот со макрокосмосот, човекот и Космосот во највозвишениот чин на создавањето од кој потекнува Универзумот. Тоа нè потсетува на внатрешната поврзаност и единство на сите нешта создадени со заедничка структура, на метафизичкиот принцип на неразделната врска на делот со целината. Видео — инсталација која содржи три главни анкценти: машки и женски принцип, тунел (премин) и соединување (раѓање), секој од нив со сопствена симболика на бојата. Преку универзалните симболи е исткаен јазикот на делото, преку архетипските — праисконски слики. Тоа се визуелни симболи на впечатоци, несвесни психички содржини на колективното несвесно кои со векови егзистираат во нашата психа кај сите народи и култури, аналогни на примитивните идеи, митови и обреди кои ја потикнуваат меморијата зошто сме тука, едно патување позади илузијата на стварноста.