СВЕТА ГЕОМЕТРИЈА
Природата со својата совршена организираност, неизбежно следи геометриски архетипи во создавањето на сите форми. Светата геометрија е основата на секоја геометрија врз која се базираат сите нешта кои ја сочинуваат нашата реалност и што ја овозможува градбата на секоја форма во мноштвото разновидност, принципот на внатрешната поврзаност и единството на сите нешта.
Комбинацијата на квадратот и кругот го симболизира единството на земјата и небото, односно душата (психата како топка) и телото (реалноста). Преминот од материјалниот кон духовниот свет. Крилата го нагласуваат стремежот за возвишување кон духовното. Тие се слика на рамнотежа на двете половини, слевање во дуалистичкото единство од кое потекнува сиот живот. Сферата на пиедестал во центарот на делото е најсовршена, најуниверзална од формите и е главната форма од која настанало сè во почетокот. Најзначаен симбол за целосност, интегритет и неограничен центар на космосот.
Реализирањето на ова дело врз принципите на светата геометрија говори за идејата за ,,едното што ги создава различните појавни манифестации”. Преку геометријата до идејата за космичкото, духовното, боженственото. Тоа е идејата за внатрешната света врска на човекот и Светот создадена преку мистичните закони на „Светата геометрија“.