Изјава

Градењето на мојот визуелен јазик почива врз естетиката и симболиката на елементарните геометриски форми. Симболите и нивното психолошко значење се мојот главен интерес во уметноста, како и митот како духовен систем на симболички претстави со повеќе значења и нивоа. Во геометријата ја пронаоѓам идејата за космичкото, духовното, боженственото.

Моите дела во себе ја носат идејата за единството и внатрешната поврзаност на сите нешта во природата во нивната разноликост со нагласок на дуалистичкото единство од кое потекнува сиот живот — сплотување на спротивностите: микро-макро космос; едно-мноштво; женски-машки принцип; живот-смрт. Соединувањето во светиот чин на создавањето на нов живот, раѓањето беше главната тема во некои од моите претходни аудио-визуелни инсталации. Не само како идеја за човечко раѓање, туку и идеја за космичко раѓање, генезата на постоењето.

Просторниот концепт за уметност, освојувањето и трансформирањето на галерискиот простор со делото, како и инсталациите на отворен простор кои го наметнуваат визуелниот впечаток преку пренагласените димензии е она што ме преокупира во моите размислувања за уметноста. Инсталација/амбиент која целосно го „заробува“ набљудувачот и ја наметнува комуникацијата со делото. Вниманието е насочено како на сетилното, така и на комплетното контемплативно доживување.

Во процесот на создавање на уметничкото дело, просторот каде што е поставено делото игра значајна улога во креирањето на идејата. Изборот на материјалите и начинот на поставеноста на делото во просторот произлегуваат од идејата а предизвикот станува поголем при комбинирање на различни видови на материјали. Виталноста на целината се состои во играта на деловите од кои е составено делото, дејството и динамиката на делото во просторот и просторот врз делото. Ми се допаѓа идејата за едното што го создава мноштвото. Моќта е во неговото повторување — од скоро безначајно мало до целината на големото.

Боите се исто така значаен дел од целокупната моја работа. Доминантни бои кои ги користам како симбол на машкиот и женскиот принцип се црвена и сина.

Претставата на еден „метафизичкиот свет“, концептот дека има повеќе простор отколку што може да се види, дека постои поширок хоризонт, го привлекува мојот интерес и ја поттикнува мојата креативност. Оптимистички по природа, моите дела се вистинска прослава на животот, поткрепени со задоволство и тежнеење по смислата на нашето постоење. Вечната потрага по совршена рамнотежа на духовниот и материјалниот принцип го дефинира мојот уметнички ракопис презентиран преку мојата уметност.