Биографија
Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности (Универзитет Св. Кирил и Методиј) во Скопје, Македонија (2006) на отсек сликарство со насока конзервација и реставрација во класата на проф. м-р Благоја Маневски. Во 2007 година ги завршува испитите за педагошко-психолошка и методска подготовка (Педагошки оддел) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Македонија. Постдипломските студии на отсек сликарство ги завршува во 2011 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје под менторство на проф. м-р Благоја Маневски со стекнат научно уметнички степен — магистер по ликовни уметности од област сликарство на тема: Света геометрија.
Од 2006 год. член е на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ). Таа е еден од основачите на уметничката група и истоимениот уметнички културно-алтернативен центар Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. (2009 — 2011 год.) во Скопје. Во 2012 година станува дел од седумчлената уметничка женска група „МОМИ“ која сеуште делува со нови креативни проекти на македонската ликовна сцена. Сопственик е на ТП уметничка работилница КРЕАТИВНА СЛОЖУВАЛКА Скопје основана во 2014 година и има статус на самостоен уметник подржана од Министерството за култура на Р. Македонија од 2015 година.
Нејзините дела се претставувани на повеќе самостојни и групни изложби, проекти, перформанси, колонии, фестивали и уметнички работилници во Македонија и надвор од земјата (САД, Канада, Франција, Холандија, Италија, Шведска, Данска, Русија, Монголија, Кина, Австрија, Чешка Република, Азербејџан, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина).
Ана Ивановска ја доби годишната награда „Денес” за млад ликовен уметник од Центарот за современи уметности (ЦАЦ) во 2008 година, наградата за вајарство доделена од Друштвото на ликовни уметници на Македонија на „Годишна изложба на ДЛУМ“ (2017) и беше учесник и претставник на Р. Македонија на интернационалниот натпревар на 7мото издание на Франкофонските игри во област скулптура-инсталација во Ница, Франција (2013).
Добитник е на стипендии за уметнички престој на резиденс програмите: Папрадиште, Р. С. Македонија, еднонеделна „Арт резиденција Папрадиште“, Колектив Ветерница во соработка со Задруга 5060, ЕК Грин Пауер и Партизанска штампа (2019); Тирана и Корча, Албанија, стипендија за двонеделен уметнички престој од Швајцарскиот културен фонд Албанија (SCFA), имплементиран од галерија Кало (2019); Берлин, Германија, стипендија за двонеделен престој во „Прима центар“ од Министерство за култура на Р.М. во организација на Јован Балов (2018); Париз, Франција, двомесечен престој во “Cite Internationale des Arts” — македонско ателје, стипендија од Министерство за култура на Р.М. (2014); Виена, Австрија, стипендија за три месечен уметнички престој од Австриско Федерално Министерство за образование, уметност и култура (Artist in Residence Programme) (2011); Њујорк, САД, шест неделен престој — YVAA (Young Visual Artist Award) во програмата ISCP (International Studio and Curatorial Program) како добитник на наградата „Денес“, финансирана од Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк во соработка со Центарот за современа уметност (ЦАЦ) (2009).
Нејзините уметнички настојувања се карактеризираат со истражување во различни медиуми, комбинирајќи ги и движејќи се помеѓу продукција на инсталации, објекти, слики, цртежи, колажи, видео инсталации и др.
„Ана Ивановска има наклоност кон амбициозни просторни ситуации базирани врз толкувањето и презентирањето на различни архетипски претстави. Силно изразената симболика и просторните релации во нејзините дела се восприемаат на прв поглед и, без оглед дали се работи за третманот на одредена тема, материјал, избор на боја и сл., се соочуваме со авторка што во континуитет особено внимание му посветува како на сетилното, така и на комплетното контемплативно доживување. Во комплексните реализации на нејзините дела — амбиенти/инсталации, доминантно со (по)големи димензии — се диференцираат неколку фокусни точки: доживувањето и третманот на просторот; користењето на материјалот; геометриската и колористичка симболика“ — Маја Чанкуловска-Михајловска.